На 10.08.2012 г. со пригодна свеченост беа доделени дипломите на матурантите од Гимназијата од генерацијата 2008-2012 г.

Свеченоста се одржа во реновираниот хол на училиштето. Присутни беа матурантите од деветте паралелки, класните раководители,директорот на гимназијата, градоначалникот, претставник на ЛС,неколку директори на средни училишта од Прилеп, професори од гимназијата, родители и други гости.

Церемонијата започна во 10ч со изведба на Академската химна од страна на учениците Стефан Неданоски и Андреј Иваноски.Најпрвин матурантите ги поздрави ученичката Теодора Петреска  која беше претседател на МЗ при гимназијата. Во своето обраќање таа им го честиташе дипломирањето, им посака успех во понатамошното школување и им порача на своите соученици да ги чуваат спомените за гимназијата и времето поминато во гимназиските клупи.

Потоа на матурантите им се обрати директорот Кире Николоски кој им го честита четвртото место на рангирањето според постигнатите резултати од Државната матура и им посака поголеми успеси понатаму. Директорот, меѓу другото рече дека оваа генерација матуранти се посебни по многу нешта – пред се по успехот што го покажаа, по освоените високи места на повеќе натпревари, по организационите способности, по другарството, по ентузијазмот...

И градоначалникот на Прилеп г. Марјан Ристески, им упати честитки на матурантите, им посака успех во животот, го изрази своето задоволство  што гимназијата има вакви ученици како оваа генерација.

Од името на професорите од гимназијата на матурантите им се обрати проф. Емона Јованоска. Покрај честитките, таа рече дека професорите се горди што имаа вакви ученици кои од оваа гимназија го понесоа најмоќното оружје - знаењето.

За сите матуранти ученичката Стефанија Дукоска ја испеа гимназиската химна „Заедно во едно сплотени“.

Свеченоста беше заокружена со настапот на рок бендот „Хипнотик вејв“, чиј настап дополнително го подигна расположението на присутните.

Насмеаните лица на учениците и професорите, искрените прегратки и бакнежи  и дадоа посебен белег на оваа свеченост. Учениците беа видно изненадени од целиот настан, тие воопшто не ни очекувале вакво нешто. Не криејќеи го своето задоволство постојано им заблагодаруваа на директорот Кире Николоски и професорите за настанот што им го приредија.

Беа измешани чувствата на: радост заради дипломата в раце и тага заради збогувањето со Гимназијата и средношколскиот живот.

 

Неколку моменти од овој настан улови објективот на фото –апаратот на на ученикот Ѓорѓи Десподов.

 

Copyright © 2012 www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.

>> Врати се на почетната страна