Ученици   Професори   Родители   Контакт

Св. Климент и Св. Наум Охридски, фреска

ДЕЈНОСТА НА СВ. КЛИМЕНТ И СВ.НАУМ ОХРИДСКИ

 

Пред смртта, Методиј од своите ученици за свој наследник го назначил Горазд кој ја продолжил Методиевата мисија по неговата смрт, но германското свештенство по налог на Папата Стефан V (или VI) ја забранило словенската богослужба во Моравските и Панонските цркви, и ги прогонило словенските духовно – просветни дејци. Меѓу прогонетите биле и светите Климент, Наум и Ангелариј.

Овие ученици на Кирил и Методиј поради прогонството од германските свештеници во 885 или 886 се упатиле кон Македонија. По патот минале низ Белград кој тогаш бил во составот на бугарската држава. Белградскиот управник веднаш ги испратил во престолнината на Бугарија, Плиска, кај бугарскиот кнез Борис I. Борис ги примил со големи почести и веднаш ги ставил во функција на својата политика.

Наскоро умрел Ангелариј, Наум останал во Плиска создавајќи ја Преславската книжевна школа (го носи името Преславска откако бугарскиот цар Симеон I ја пренел престолнината на Бугарија од Плиска во Преслав околу 893 год), а Климент, бидејќи уште од Методиј бил назначен за Епископ на цел Илирик, со дозвола на Борис I се упатил кон областа Кутмичевица. Кутмичевица се наоѓа на пошироката територија во Охридско и југозападно од Охрид, со два поголеми града Охрид и Девол. Таму Климент ја создава Охридската книжевна школа што претставува своевиден прв словенски универзитет во кој се обучиле 3500 словенски свештеници и учители.

Мисијата во Кутмичевица имала за цел да го шири словенскиот јазик и писмо кај населението во пограничните области на Бугарија со Византија те. да се намали грчкото јазично влијание.

Од крајот на IX век Климент од бугарскиот двор е назначен за епископ на Величката епархија (Велика / Дрембица струмичко), со што станува првиот словенски епископ.

Како учител и свештеник, Климент напишал околу 50 книжевни дела на словенски јазик (претпоставките се движат од 15 до 50 книжевни дела)

 

По заминувањето на Климент од Охрид, неговото место го зазема Наум.

Наум во Охрид го продолжил климентовото дело на описменување на луѓето и нивно обучување за тие да бидат идни учители и свештеници. Наум во Охрид и Охридско изградил многу цркви и манастири.

Умрел во 910 год. и лично од Климента е положен во гробот на манастирот кој сам го изградил и до денес во негова чест го носи неговото име „Св. Наум Охридски“ (манастирот изграден од Наум пред неговата смрт го носел името Св. Арханѓел.)

 

Климент останал во Величката епархија се до смртта на Наум во Охрид во 910 год. Тогаш се вратил во Охрид, го направил манастирот Св. Пантелејмон и ја продолжил дејноста до својата смрт во 916 год.

Климентовиот гроб се наоѓа во овој манастир кој во времето на османлиското владеење беше претворен во џамија, па со балканските војни таа беше уништена, за манастирот повторно да биде возобновен во 2002 год.

За Климент науката спори дали тој ја создал азбуката „Кирилица“ која ја употребуваме денес. Од подоцнежните записи дознаваме дека следбениците на Методиј започнале да создаваат нова азбука. Се претпоставува дека во создавањето на Кирилицата своја улога има и Климент, иако до својата смрт употребувал Глаголица, а и неговите книжевни дела се напишани со Глаголица.

Copyright © 2016 www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.

Страната ја уреди

Проф. Николче Богданоски

 

14.05.2014

#

Врати се најгоре

Икона на Св. Климент Охридски          Икона на Св. Наум Охридски               

Споменик на Св. Климент

и Св. Наум Охридски во Скопје

Црквата Св.Пантелејмон во Охрид

Гробот на Св.Климент Охридски

Манастирот „Св.Наум“ на брегот на Охридското езеро

Манастирската цркава во манастирот Св. Наум

Гробот на Св.Наум Охридски

Натписот на еден од столбовите на манастирот Св. Арханѓел Михаил во Варош (Прилеп) кој се смета за втор по старост кириличен запис