МК  |  EN  |  FR  |  DE  

гимназија

Средно општинско училиште

Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп

Официјална веб страна на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
facebook logo tviter logo youtube logo vikipedija logo
биди гим

Интервју со Горан Попоски

 

   Секоја година по големиот интернационален филмски фестивал „Браќа Манаки“ се одржува Интернационалниот фестивал на непрофесионален документарен филм „Камера 300“. На овогодинешниот 24-ти Интернационален фестивал на непрофесионален документарен филм „Камера 300“ кој се одржа во Битола на 28.10.2016 год,  учество зедоа 43 краткометражни филмови од повеќе земји од светот. Интернационалното жири одлучи првата награда „Златна камера 300“ да му биде доделена на нашиот соученик Горан Попоски за филмот „АХ!“.

Горан Попоски

   Поради тоа решивме да направиме малку подолго интервју со Горан.

  Кажи ни нешто за тебе, кој е Горан Попоски?

   Јас сум ученик во втора година во гимназијата. Хоби ми е снимањето со камера и создавањето на филмови. Се надевам дека ќе ми стане професија. Во иднина сакам да направам повеќе филмови за изгубената историја во светот и во Прилеп.

  Многупати те гледаме и како фотограф на училишните манифестации и настани. Од каде љубовта кон филмот и фотографијата?

   Оваа љубов кон филмот и фотографијата започна пред четири години, кога за прв пат после долго време се реактивира Фото Кино Клубот Прилеп. Колку повеќе и повеќе присуствував на состаноците, јас полека се вљубив во фотографијата и почнав да ја работам низ уметнички аспект. Откако убаво се запознав со неа, ја сретнав и камерата која ми овозможи да го прикажам светот не само низ една фотографија туку низ илјадници.

   На интернационалниот фестивал на аматерски документарен филм во Битола се закити со наградата „Златна камера 300“ . Што претставува оваа награда за тебе?

   Наградата многу ми значи. Иако ја освоив оваа престижна награда, јас мислам дека ми треба уште искуство, вештина и знаење за да направам уште подобри филмови ...се до моментот кога не ќе можам да учествувам на овој натпревар поради тоа што филмот нема да биди повеќе „аматерски“.

Камера 300 2016

   Што те инспирираше за да го направиш овој филм?

   Инспирацијата за да го создадам овој филм дојде од еден разговор меѓу моите пријатели во кој разговаравме за саат кулата во центарот на Прилеп. Низ разговорот забележав дека не знаат како изгледа внатрешноста на саат кулата, а мислам дека тоа не го знаат ни добар дел од жителите на градот. Барав низ интернетот и во музејот, но воопшто немало ни снимки ни слики од внатрешноста на саатот.
   Па „ми се запали светилката во главата“ и дојдов до идеа да направам документарец за саат кулата во кој ќе се кажува приказната за неа и во кој за прв пат ќе биде снимена кулата од внатре.

   Колку време ти беше потребно за да се подготвиш и да го реализираш овој филм?

   Ми беше потребен еден месец да го завршам сценариото, да ја напишам книгата на снимање, а тоа сето го завршив во месецот Јуни. Потоа во средината на Јули започнав со снимање на внатрешноста на градскиот саат и со снимањето на интервјуата со луѓето. Откако тоа го завршив, во Август го снимав нараторот на филмот. Следуваше монтажата на филмот која ја завршив во Септември. Значи ми требаа четири месеци да го завршам овој документарен филм кој трае 8 минути.

   Кои критериуми треба да ги исполнуваш за да учествуваш на ваков натпревар?

   За да се учествува на ваков натпревар, најбитно е филмот да е оригинален ваш, да биде документарен, тоа значи вашиот филм мора да документира некој аспект од реалноста со научен карактер...  дали тоа е од историјата, науката, спортот, политиката и слично, не е битно, битно е филмот да има некаква интересна содржина за да го задржи вниманието на гледачот. Максимално дозволено времетраење на филмот е 15 минути.

   Дали имаше голема конкуренција на натпреварот?

   Да, оваа година имаше многу голема конкуренција. Пристигнати беа 43 филмови од целиот Балкан и од други држави како Русија, Грузија и Британија.

Горан Попоски Битола Горан Попоски изјави

   Дали имаш учествувано и на други слични натпревари и дали имаш и други награди или оваа е прва?

   Оваа награда не ми е прва. Во последниве две години имам учествувано на повеќе филмски натпревари од кои до сега имам освоено уште три други награди покрај оваа. Можеби најголема награда за мене е тоа што ќе има проекција на мојот филм во неколку градови во други држави како Сараево во Босна, Брадфорд во Велика Британија и Тјумен во Русија.

   Кој ти дава најголема поддршка во ова што го работиш?

   Најголема поддршка ми дава моето семејство, а исто така им се заблагодарувам на членовите на Фото-кино клубот во Прилеп кои се голема поддршка за мене. Тие ми помагале во создавањето на филмот, ми помагале да изберам многу критични делови во сценариото на филмот и слично.

   Што понатаму, каде се гледаш себеси во иднина и дали оваа награда ќе претставува поттик за понатамошни успеси?

   Оваа награда за мене претставува поттик за да се занимавам и понатаму со документарни филмови. Во следниве две години ќе создавам уште филмови со документарна содржина, а потоа сакам да се запишам на факултет за филм. Се надевам дека кога ќе го усовршам „занаетот“ ќе започнам и со снимање на играни филмови.

   Ти благодариме за интервјуто, нека ти се множат успесите и ти посакуваме овие твои желби да ти се исполнат.

Ви благодарам и вам на вниманието кое ми го посветивте.

интервју гимназија 

  
Интервјуто го водеа: Ивана Стојаноска и Марија Јорданоска     


Објавено на: 12 Ное 2016

 



Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2024
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.

QR Код
гимназија