МК  |  EN  |  FR  |  DE  

гимназија

Средно општинско училиште

Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп

Официјална веб страна на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
facebook logo tviter logo g+ logo youtube logo vikipedija logo

Кокино и Пелинце низ објективот на гимназијалците

 

kokino 2018 кокино екскурзија

   Со почетокот на новата учебна година, нашата екскурзија, на учениците од втора година, ни донесе нови можности за забава и дружења. Имено, на ден 06.10.2018,   предводени од проф. Владо Чакароски по географија и проф. Кирил Јосифоски по физика, реализиравме научно патување до надалеку познатата опсерваторија Кокино и до Меморијалниот музеј на АСНОМ.
   Тргнавме со автобуски превоз во раните утрински часови и по неколку часовно возење со попатни паузи стигнавме до локацијата Кокино.
   Имавме можност да уживаме во прекрасната глетка од  „Татиќев камен“ на висина од 1030m како и да научиме нешто ново за една од најстарите опсерватории во светот.
   „Мегалитската опсерваторија се наоѓа на неовулкански рид. Карпите се создадени со стврднувањето на лавата, која истекла од вулкански кратер.
   Времето и ерозијата направиле процепи и дел од тие процепи биле главните маркери низ кои се следеле циклусите на Сонцето и Месечината и се мерело времето.“- ова беше дел од искажувањето на кустосот кој ни ја објаснуваше историјата за настанокот на самата осперваторија.
   Со посебно задоволство и широки насмевки ја испративме необичната дестинација.

   Следно што посетивме беше културно-историскиот споменик кој сведочи за еден голем настан од историјата на Македонија. Го посетивме Меморијалниот музеј на АСНОМ, кој се наоѓа крај реката Пчиња во селото Пелинце на два километра оддалеченост од историското место каде е одржано Првото заседание на АСНОМ.
   Влеговме во музејот каде што се наоѓа копија на собата од манастирот „Св. Прохор Пчињски“, во која се одржало Првото заседание на АСНОМ, а до неа е и спомен-собата во која се изложени документите од создавањето на македонската држава.
   Неопходни беа и фотографиите покрај фасадата на музејот на која се наоѓа монументален мозаик од 140 квадратни метри – „Македонија“, дело на македонски сликар Рубенс Корубин.

   Тука заврши образовно-едукативниот дел од оваа ексурзија, а нашата  желба за шетање, забавување и купување во Скопје беше уредно испочитувана.

   Се вративме во нашиот Прилеп со многу забава и дружење во автобусите. Посетивме две места од нашата неистражена Македонија. За нашата среќа останаа да сведочат многу слики, овековечени насмевки ... убави спомени од оваа екскурзија.

Текст: Нина Насеска


Објавено на: 17 Окт 2018

 

Други настани



Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2018
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.

QR Код
гимназија