МК | EN | FR | DE
„Олимпија во Дион“ е традиционален меѓународен театарски фестивал во Република Грција кој уште од антички времиња се организирал во чест на Боговите кои живеат на планината Олимп, на музите и на античките драмски творци.
Основна цел на фестивалот била негувањето на античката драма, но од поново време организаторот, заради осовременување на фестивалот, покрај традиционалната класична, вовел и современа драма.
На фестивалот кој трае две недели, со свои претставници учествуваат колеџи, гимназии и други средни училишта од домаќинот, Република Грција и од други земји од целиот свет. Според прес конференцијата на организаторот, годинава имало рекорден број на пријавени театарски групи за учество, над 400, а примени биле околу 25. Меѓу нив беше и претставата на нашата Гимназија „Три писма“ работена по текст и во режија на професорот по драмски уметности и по англиски јазик, Маринко Шлакески, а во главниот лик е Леона Митревска, ученик во IV година.
На 26 септември, пред бројната публика во театарот „МО“ во Катерини, драмата беше изведена на англиски јазик.
"The three letters" (Три писма) - е психолошка монодрама која третира сукцесивен распад на едно општество. Вистината на распадот главниот лик ја наоѓа во трите писма оставени во напуштената куќа на нејзината тетка, во еден стар зафрлен куфер, кој според зборовите на нејзината тетка, ја чува приказната и причината за тој распад. Во епилогот ќе биде инволвирана и Ема, главниот лик, со неможноста да ја напушти куќата и покрај нејзините обиди да излезе од кошмарот чиј интензитет се зголемува со секое прочитано писмо..
За изведбата на „Три писма“ нашата претстава доби специјална награда од организаторот.
Нашите претставници се задоволни од соработката, приемот и беспрекорната организација на на овој престижен театарски фестивал, а посебно се благодарни за поддршката и професионалноста на персоналот од театарот „МО“ од Катерини.
Ова е наше второ учество по ред на овој фестивал на кој минатата година со претставата „Лора“ на Грчки јазик постигнат беше голем успех и освоена беше награда за автентичност на драмски текст и за изведба.
Фотографии: Панајотис Фтарас ( Παναγιώτης Φτάρας )
Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2023
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.