МК  |  EN  |  FR  |  DE  

гимназија

Средно општинско училиште

Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп

Официјална веб страна на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
facebook logo tviter logo youtube logo vikipedija logo
биди гим

 „Социјалните мрежи
општествено добро или општествено зло“

 Социјални мрежи трибина

   Во понеделникот, на 17.02.2020г. во просториите на нашето училиште се одржа трибина на темата „Социјалните мрежи - општествено добро или општествено зло“.
  Поради зачестената појава на интернет насилство и зголемениот број на жртви на интернет насилство од страна на поединци или групи на социјалните мрежи, се почувствува потреба од организирање на ваква трибина.

   Целите на трибината беа: 

  • Да се иницира решавање на овој современ проблем по социјалните мрежи и во виртуелниот свет кој прераснува во вистински општествен проблем со бројни последици.
  • Да се подигне свеста кај младата популација за опасностите кои демнат на интернет и по социјалните мрежи, да препознаваат насилство на интернет, да се заштитат себе си и другите и да знаат како да реагираат во случај да станат жртви на интернет насилство или да се сведоци на интернет насилство.
  • Да се користат добрите страни на социјалните мрежи и интернетот.

   Овие прашања пробудија многу интерес кај учениците кои во голем број учествуваа на трибината и активно беа вклучени во истата. Покрај ученици присутни беа и родители и наставници кои исто така беа заинтересирани за интернет предизвиците на новото време.

   Воведниот збор во трибината го имаа учениците Елена Николоска и Тома Чкатроски, а потоа гостите и присутните ги поздрави директорот на училиштето, Димче Настоски.

   На трибината пред бројната публика со стручни објаснувања и низ конкретни примери од темата зборуваа и одговараа на поставените прашања гостите:  Д-р Мимоза Богданоска Јовановска, вонреден професор по предметот Компјутерски-посредувана комуникација и социјални мрежи, на ФИКТ; Кирил Звездакоски, програмер, основач на КМСОФТ; Катерина Алавантија, инспектор при МВР; Билјана Ефремоска, училиштен психолог и Гордана Велјаноска, педагог при ЈУМЦ Социјални работи Прилеп.

   Д-р Мимоза Богданоска Јовановска, го иницираше прашањето за потребата од воведување на „дигитална писменост“ во образовниот процес и осовременување на наставните програми со цел да се следат новите технолошки достигнувања пред се во сферата на интернетот затоа што живееме во два паралелни света, виртуелен и реален физички свет.

   Кирил Звездакоски со конкретни податоци низ бројки, ги запозна присутните со социјалните мрежи. Кои мрежи се најбројни, кои се старосните граници на корисниците на мрежите, кои се најмногу користени за разговори, за слики или за видеа. Исто така говореше и за опасностите кои во прикриена форма демнат на интернет и по социјалните мрежи и можат да се активираат само со еден клик.

   Катерина Алавантија дискутираше за проблемот од аспект на криминогено однесување  по социјалните мрежи, за законската регулатива, за казнените одредби, за начините на институционално решавање на случаи на интернет насилство на социјалните мрежи, а посочи и конкретни примери од потесната средина за интернет „предаторство“ и мерките кои ги презеле или треба да ги преземат жртвите.

   Гордана Велјаноска говореше за педагошкиот момент и релацијата родители – деца жртви на насилство по социјалните мрежи. Таа сугерираше до родителите да разговараат со своите деца за сите проблеми со кои децата се соочуваат, до учениците повеќе вистински да се дружат помеѓу себе со чувства и емоции, кои ги нема при комуникацијата по социјалните мрежи и посебно нагласи дека вистинските пријатели не се оние од социјалните мрежи туку пред се родителите на кои децата треба да им веруваат.

   Билјана Ефремоска како училиштен психолог, меѓу другото, посочи примери на физичко насилство кај учениците кое произлегло од насилство по соцјалните мрежи и низ одговор на поставено прашње од учениците објасни во каква состојба се наоѓа некој кој е изложен на насилство на социјалните мрежи.

   Сите говорници на трибината се согласија дека оваа трибина нема да го реши проблемот, нема да ги осуди насилниците, нема да ги спаси жртвите, ниту пак ќе ја спречи оваа појава, туку само малку ќе придонесе за подигање на свеста кај сите за правилно користење на социјалните мрежи и интернетот.
   Токму ширењето на оваа информација за трибината по социјалните мрежи ќе биде еден мал чекор кон таа цел.

   Тимот кој ја организираше трибината го сочинуваа: Зоре Присаѓанец – училиштен социолог; Светлана Барлакоска, училиштен педагог; проф. Емона Јованоска, проф. Николче Богданоски и директорот Димче Настоски.

Фотографија: Натали Десоска и Тамара Пирганоска


Објавено на: 18 Фев 2020

 



Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2023
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.

QR Код
гимназија