Создавањето на Албанската држава
Во Првата Балканска војна, со воените дејствија Србија успеала да обезбеди излез на Јадранското море преку територијата на денешна Албанија. Тоа не и одело во интерес на српскиот сосед Австро-Унгарија која сметала дека во случај Србија да го задржи излезот на море таа би станала доминантна сила во тој регион.
Со оглед на тоа што зад Србија поради „заедничкото словенско потекло“ стоела Русија со нејзиниот интерес за продор на Балканот, од српското излегување на Јадранско море преку територијата Албанија се загрижила и Велика Британија која не сакала на Медитеранот да ја има Русија (посредно преку Србија) за соперник.
И Италија била загрижена поради тоа што таа претендирала да биде „господар на Јадранот“ и територијата Албанија била во нејзиниот политички и економски интерес.
Поради тоа споменатите држави извршиле голем притисок врз Србија (Австро-Унгарија и се заканила на Србија дури и со војна) да отстапи од Албанија.
Притисната Србија била принудена да ги потпише одлуките на Лондонската мировна конференција од 30.мај 1913 год. со кои меѓу другото било предвидено и да се признае независноста на новата балканска држава – АЛБАНИЈА.
Во времето на Првата Балканска војна, кога српските војски влегоа на територијата на Македонија од север и продолжија со освојување кон југозапад, поддржан од Австроунгарија, идеологот за создавање на албанска држава Исмаил Ќемали отпатувал во Букурешт каде имало бројна албанска колонија за да бара поддржувачи и спонзори на идејата за создавање на Албанска држава. Добивајќи ја довербата кај тамошното емигрирано албанско население, од Романија се упатил во Австроунгарија каде во Будимпешта се состанал со видни Австроунгарски политичари меѓу кои и грофот Андраши и министерот за надворешни работи на Австро-Унгарија грофот Берчтолд. Таму Исмаил Ќемали добил инструкции и упатства за понатамошното дејствување за Албанија да не падне во српските раце. Австро-Унгарија со воен брод брзо го пренела Ќемали до Драч за да побрза во реализација на планот за создавање на албанска држава. Од таму Ќемали јавајќи на коњ (криејќи се од османлиските власти кои дознале за планот за создавање на нова држава на османлиската територија) заедно со уште четворица албански мигранти од Романија одјавале до Валона. Таму свикале народен собир на албанци од четирите албански вилаети Косовски, Јанински, Скадарски и Битолски).
Исмаил Ќемали Исмаил Ќемали ја прогласува државата Албанија
На 28 ноември 1912 год. во приватна куќа во Валона 79 избрани претставници од четирите вилаети и четворицата емигранти во Романија кои себеси се именувале како „Национален конгрес“ одржале седница на која Ќемали им соопштил дека во Виена (Австро-Унгарија) изготвена е декларација за независност на Албанија. „Конгресот“ ја прифатил декларацијата и избрана била привремена Влада на чело со Ќемали, по што Исмаил Ќеамли излегол на терасата од вториот кат на куќата каде заседавале и на насобраните неколку стотини луѓе им ја прочитал Декларацијата за независност на Албанија со која било свечено прогласено создавање на Албанска држава.
На Лондонската мировна конференција 30.05.1913г. решено е да се признае Независноста на Албанија, односно Црна Гора да ја отстапи територијата Шкодра, Грција да отстапи од Влора, и Србија да се повлече од Албанија. Но Грција не се согласила со границите на новата држава поради што точната гранична линија требало дополнително да се отцрта. (тоа е направено дури по завршувањето на Првата светска војна)
На 29 јули 1912 год Големите сили и креираат Устав на Албанската држава, според кој се создава формално независна неутрална држава, Кнежевство, на чело со принцот од германско потекло Вилхем од Вид. Администрацијата и финансиите требало да ги води меѓународна комисија.
Со Букурешткиот мировен договор од 10.08.1913г. се потврдува постоењето на Албанија како посебен државен субјект на Балканот.
(Исмаил Ќемали одржувал контакти со ВМРО и во своите можности го помогнал Охридското востание на ВМРО, во септември 1913, против српските власти, предводено од Милан Матов, Петар Чаулев и Павле Христов.)
Но политички и воен ривал на Исмаил Ќемали му бил Есад Паша Топтани кој не се согласувал со политиката на зависност на Албанија од Австро- Унгарија и бил просрпски ориентиран. За да го задржи мирен и да го придобие на своја страна по сугестија на Големите сили, Исмаил Ќемали му понудил учесво во власта на Есад Паша Топтани, кој во Албанската привремена Влада бил поставен за министер за војна и полиција.
На 07 март 1914 год во Албанија првпат пристигнал кнезот на Албанија, Вилхем од Вид.
Поради обидот за аграрни реформи, во мај истата година избил селански бунт против Кнезот. Чувствувајќи закана, Вилхем од Вид, со обвинение дека тој стои зад овој бунт, наредил да се уапси Есад Паша Топтани и да се протера од државата. Есад Паша Топтани бега од Албанија и извесен период се крие во Србија, Италија и Франција.
Кнезот Вилхем поради разгорување на Првата светска војна, на 03 септември 1914 год. ја напуштил Албанија која во текот на војната била ничија земја, оставена на милост и немилост на завојуваните страни. Тогаш во Албанија се вртил Есад Паша Топтани кој со свои војски учествувал во војната на станата на Антантата на Македонскиот фронт.
Есад Паша Топтани Принцот Вилхем од Вид со принцезата Софија.
Пристигнувањето во Драч на 07 март 1914
Во периодот додека принцот Вилхем од Вид бил во Албанија (07.03.1914 до 03.09.1914) Претседател на албанската Влада бил Турхан Паша Пермети, кој продолжил да ја врши должноста по завршувањето на војната од 25.12. 1918 до 29.01.1920г.
Во текот на Првата светска војна Албанија беше поделена земја на два дела и тоа северен под контрола на Австроунгарија и јужен под контрола на силите на Антантата (Италија и Франција). Откако кон крајот на 1918 год. Австро-Унгарија трпејќи порази почна да се повлекува од Албанија, на нејзините позиции свои војски и администрација поставуваше Италија. Италијанците го вратија Турхан Паша Пермети да ја раководи албанската Влада, но и го подготвија да ја признае Савојската круна и над Албанија.
Албанија меѓу двете светски војни
Турхан Паша Пермети,
Претседател на албанската Влада
Од 25.12. 1918 до 29.01.1920г
На Париската мировна конференција решено е Албанија да се елиминира како држава, а нејзината територија била поделена помеѓу Италија, Грција и Кралството на СХС.
Тоа само го засилило бунтот на албанците, кој прераснал во општ бунт предводен од тн.„Националниот конгрес во Лушња“ и „Албанската младинска лига“ кои во своите настапи пред албанското население излегувале со заложби за максимални граници на Албанија во чиј состав би требало да влезат јужна Црна Гора, Косово, Куманово, Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Кичевско, Струшко, Цел Епир до заливот Превез. Тоа е територијата на тн. Голема Албанија. За реализација на оваа цел Националната лига од Лушња со поддршка на емиграцијата од САД, започнала да набавува оружје и да организира воени единици, а тежиштето на политичките дејства се пренело во Тирана (кој подоцна станува главен град).
Согледувајќи можност да се замеша во „европските работи“ и да најде своја можност за влијание во Европа, претседателот на САД Вудроу Вилсон преку Друштвото на народите во март 1920 год. ја блокира одлуката на Париската конференција за поделба на Албанија.
Додека се случувале овие воено политички заплети во Албанија, СХС завршила со подготовките во Париз за поставување на просрпски ориентираниот Есад Паша Топтани на кралскиот трон во Албанија, но на 17 јуни 1920 Есад Паша е убиен во Париз во атентат кој го извршил Авни Рустеми, основачот на „Албанската младинска лига“.
Во септември дошло до тешка борба со многу жртви помеѓу италијанскит војски и војските на „Националниот конгрес“ на албанците кај Влора по што Италија носи одлука да се повлече од територијата на Албанија со исклучок на островот Сезан.
На 17 декември истата година Албанија е примена во Друштвото на народите како независен рамноправен член иако не биле конкретизирани и меѓународно признати нејзините граници. Тоа значело почеток на градењето на повоената албанска држава.
Аспирациите на соседите кон Албанија не престанале и по примањето на Албанија во ДНН, па така во ноември 1921 год, Кралството на СХС врши инвазија во Северна Албанија прогласувајќи Република Мердита на чело со Ѓон Маркѓони. Но само за кратко зошто во декември истата година Британија, Франција, Италија и Јапонија во ДНН ги потврдуваат границите на Албанија зацртани во 1913 год. Со тоа кралството на СХС се повлекува од Албанија а прогласената Република Мердита престанува да постои.
Во нестабилната политичка состојба во Албанија, еден поранешн член на владата со политичко и војничко искуство, по име Ахмед Зогу, наредил убиство на неговиот политички опонент (поранешниот атентатор на Есад Паша Топтани) Авни Рустеми водачот на политичката организација „Обединување“ (Башкими). Авни Рустеми умрел два дена по атентатот врз него извршен на 20.април 1924 год. (Претходно, во февруари истата година Авни Рустеми организирал неуспешен атентат врз својот политички противник Зогу)
Авни Рустеми
Во триесеттите години Албанија многу се доближила со Италија во сите сфери на живеењето. Зог I одржувал добри односи со Мусолини. Тој пак на 7-ми април 1939 испратил италијански војски во Албанија кои многу брзо напредувале кон Тирана. Албанската војска воопшто не давала никаков отпор пред војските на „пријателска Италија“. Овој ден Мусолини го нарекол „Добар ден“.
Кога Зог I дознал дека италијанските војски му се наоѓаат пред вратите на Тирана набрзина собрал нешто што е вредно и семејството и веднаш избегале во Југославија, а од таму подоцна во Лондон.
Со тоа Мусолини ја прогласува Албанија за протекторат на Италија, под круната на Виктор Емануел III.
Ахмед Зогу (крал Зог I, Скендербег III)
Напишано и уредено од проф.Николче Богданоски
На Париската Мировна конференција, Албанија ја претставувале две делегации и тоа онаа на Есад Паша Топтани (зад кого стоело кралството на СХС) и делегацијата на Турхан Паша Пермети (зад кого стоела Италија)
Делегацијата на Турхан Паша Пермети барала ревизија на Букурешткиот мировен договор и нови граници на Албанија, во чиј состав требало да влезат териториите на Призрен, Ѓаковица, Пеќ, Приштина, Митровица, Скопје, Тетово и Дебар. Делегацијата на Есад Паша Топтани барала да се почитуваат одредбите на Лондонскиот мир од 1913 год.
И додека Големите сили се препирале за статусот на Албанија и нејзинит граници, Грција и Италија на 29 јули 1919 год. потпишале таен договор „Титони – Венизелос“ со кој се договориле Грција да и го признае правото на Италија над Валона и јужна Албанија со исклучок на Јужен Епир, а Италија да отсапи од претензиите на некои грчки острови во Егејското море и да ја поддржи Грција во Мала Азија.
За ваквиот договор дознала и државата на СХС и го испратиле Есад Паша Топтани во Албанија да го поведе населението во бунт против Италијанската окупација. Есад Паша Топтани се вратил во Албанија го кренал населението на бунт против Италија и собрал свои приврзаници и емигранти кои отпатувале во Париз и таму формирале „Национално собрание“ на кое ја прогласиле Албанија за кралство на чие чело требало да застане Есад Паша Топтани. Во меѓувреме бунтот во Албанија против Италијанците станал многу силен, па Италија морала да и го откаже договореното на Грција со тајниот договор Титони – Венизелос.
Ова предизвикало востание на опозиционата организација „Обединување“ која се наметнала во Албанија и формирала своја Влада на чело со Фан Ноли. Ахмед Зогу избегал во кралството на СХС. Таму се подготвил и со воена поддршка од СХС на 21.01.1925год извршил државен удар во Албанија со што ја зел власта во свои раце.
На 01.02.1925 Зогу прогласува Влада на Албанија, која го назначува него за Претседател на штотуку создадената Албанската република.
Во знак на благодарност за поддршката што му ја дало кралството СХС, Зогу на 25 јуни 1925 год. на Србија и го отстапува манастирот Свети Наум со потесната околина на брегот на Охридското езеро.
Ахмед Зогу апсолутистички претседателствувал со Албанија и сурово се пресметувал со сите свои противници. Албанија станала полициска држава.
Во 1928 год. откако претходно подготвил политички терен, Зогу се прогласува себе си за Крал на Албанија под името Зог I.(се сметал себеси како наследник на Скендербег, па дури и често официјално бил именуван како Скендербег III)
Сродни содржини:
-
Бугарија меѓу двете светски војни
-
Грција меѓу двете светски војни
- Светите браќа Кирил и Методиј
- Св. Климент и Св. Наум Охридски
- Крстоносните војни и Македонија во XIII Век
Можеби ќе те интересира и :
- Час по информатика - проф. Анета Стојческа
- Час по информатичка технологија - проф. Анета Стојческа
- Час по информатичка технологија - проф.Анкица Стеваноска Јанческа
- Час по математика - проф.Маријана Спиркоска
- Час по математика - проф.Калина Секулоска
- Час по хемија - проф.Блаже Димоски
- Час по македонски јазик и литература - проф.Емона Јованоска
- Прирачник по социологија - проф.Жељко Чупарко
Copyright © 2016 www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.