МК | EN | FR | DE
Нашата гимназија оствари соработка со Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со што за нашите ученици како и за професорите се понуди можност за бесплатно изучување на кинескиот јазик, како и курсеви по традиционални кинески вештини – калиграфија, уметничко обликување на хартија, разновидни културни програми и гостувања на културно-уметнички ансамбли.
Институтот „Конфуциј“ е македонско-кинески лингвистички, културен и научен центар, формиран во 2013 година како партнерска институција помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Југозападниот универзитет за економија и финансии од Ченгду, со цел за зајакнување на образовната, културната и научната соработка помеѓу институциите во НР Кина и Република Македонија.
Курсевите кои ги нуди институтот се бесплатни со цел промовирање и продлабочување на пријателството, меѓусебното почитување, разбирање и соработка помеѓу двете држави.
Институтот соработува со различни основни и средни училишта, компании и државни институции, и реализира многубројни курсеви наменети за ученици, студенти, и лица од сите возрасти од индустријата и јавниот сектор.
Во средата, на 24.02.2021 год., се одржа официјално и првиот час од онлајн курсот по кинески јазик. Пред самиот почеток учениците ги поздравија директорот на гимназијата, г-нот Димче Настоски како и претставници на Институтот „Конфуциј“, професор Влатко Стоилков и професор Wei Liao. Професор Liao во кратки црти ги запозна учениците со историјатот на Институтот во нашата земја истакнувајќи дека во светот денес постојат 530 интитути низ кои поминале над 10 милиони ученици. Часовите за нашите ученици ги одржува Симона Спиркоска, поранешна гимназијалка која последните 10 години ги има поминато во НР Кина.
Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2023
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.