МК | EN | FR | DE
И оваа година продолжи традицијата на одржување на поетски вечери во рамките на одбележувањето на Патрониот празник на нашата Гимназија.
Оваа година во услови на пандемија и on line настава поетската вечер е видео запис од стихови и музика.
Јазикот е единствената наша татковина и токму затоа ова поетска вечер му ја посветивме на кодификаторот на македонскиот стандарден јазик, Блаже Конески.
Денес е 19 декември 2021 година. Денес славиме. Славиме 100 години од раѓањето на творецот на проста и строга македонска песна, 100 години од раѓањето на емотивниот лиричар, лауреат на голем број македонски и меѓународни награди и признанија. Славиме 100 години од раѓањето на вонсерискот лингвист, меѓународно реномиран славист, еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на Македонскиот стандарден јазик, втемелувач на Македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје, ценет професор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго. Славиме 100 години од раѓањето на творецот на македонската иднина.
Во негова чест, гимназијалците реализираа поетска вечер во спомен куќата во Небрегово, родното месо на Конески.
Се разнесоа стихови низ собите кои сведочат за минатото, не само на Конески, туку и на целиот наш македонски народ. Стерна. Тешкото. Везилка. Црква ... се редеа стихови рецитирани од учениците:
- Јована Трајковска
- Ненад Кулески
- Ива Тркалеска
- Никола Мавчев
- Михаела Николовска
- Гордана Димеска
- Димитар Илиоски
- Сара Талевска и
- Петар Рујаноски Стојановски
Како и на претходните, така и на оваа единаесетта по ред поетска вечер, која се одржува во рамките на одбележувањето на патрониот празник на гимназијата, неизоставен дел беше и музиката. Музички точки изведоа Александра Трајческа и Стефани Ралоска.
За снимањето и фотографирањето на видео записот и настанот, се погрижија учениците Антонио Барлески, Филип Димоски, Тамара Пирганоска, Дарко Петковски и Петар Апостолоски.
Организацијата, менторството и реализацијата на поетската вечер беше на професорите: Весна Михаиловска, Николче Богданоски, Дарко Ристески и Татјана Ивановска.
СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ за поддршката им искажува јавна благодарност на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј - Прилеп, на Горан Ивановски и на Елеонора Михаиловска.
Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2023
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.