МК  |  EN  |  FR  |  DE  

гимназија

Средно општинско училиште

Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп

Официјална веб страна на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
facebook logo tviter logo youtube logo vikipedija logo
биди гим

 

Гимназијата „Мирче Ацев“ вклучена во проект во соработка со Центарот за граѓанска иницијатива од Прилеп

 

проект со ЦГИ

   Гимназијата „Мирче Ацев" од Прилеп е едно од десетте средни училишта од цела држава кои се вклучени во проектот „Јакнење на малцинствата и специфичните групи за промовирање на партиципативната демократија на ниво на заедницата - II фаза", кој го реализира Центар за граѓанска иницијатива - Прилеп, а кој е поддржан од Ifa/Zivik Федерална канцеларија на Сојузна Република Германија. Гимназијата ја реализира соработката со Центарот за граѓанска иницијатива со потпишување Меморандум за соработка. Во проектот беа вклучени вкупно 15 ученици од втора и трета година, а се подготвуваа за задачите и целите поврзани со проектот со помош на нивните ментори, професорите по Македонски јазик и литература: Дарко Ристески и Стефани Видеска.
   Соработката со Центарот за граѓанска иницијатива започна во февруари, минатата година и најпрвин со реализација на предавања, трибини и дебати каде учениците се запознаа со главните цели на проектот. Учениците учеа како да детектираат проблем-недостаток во училиштето, општествен проблем, како истиот да го пласираат и да тргнат кон негово надминување, односно кон реализација преку проект. Учениците имаа можност и да присуствуваат на средба со почитуваниот новинар Горан Михаjловски, кој откривајќи им ги тајните на новинарскиот занает, им овозможи полесно детектирање на проблемите во општеството и нивно јавно и точно пласирање. Исто така, во доменот на овој проект беше реализиран и Конкурс на тема: „Да ја зачуваме животната средина", каде учениците конкурираа со видеа, цртежи и литературни творби со цел да се детектираат проблемите во нашата животна средина и да се даде една креација преку која ќе прикажат како тие ја согледуваат. При конкурирањето, Гимназијата освои три награди: Лина Тунеска II-3- прво место (со видео-запис), Ева Илиеска III-9-второ место (во категоријата за проза) и Теа Кулеска II-3- второ место (во категоријата за поезија).
   Следниот чекор беше во август мината година кога 30 ученици од десетте училишта, меѓу кои и двајца претставници од Гимназијата, тоа се учениците: Христи Димкар и Андреј Тошески со професорот Дарко Ристески, учествуваа на Младинскиот летен камп за развој на локалните иницијативи. Учениците таму научија како да детектираат недостатоци и проблеми во училиштето, за потоа да подготват проекти. Проектите ги подготвија, а потоа и ги доставија за оценување. Нашите гимназијалци од неколку теми, проценија дека најголем недостаток се јавува во веќе постоечката хемиската лабораторија, каде доколку се обнови, практичната настава би се одвивала во подобри услови и учениците би можеле во тој случај да ја поткрепат теоријата и со пракса. Со детектирање на проблемот, учениците започнаа со подготовка и реализација на проектот „Лабораторија". Целта на овој проект е да се збогати знаењето по предметот хемија токму преку практичната настава, со обновување на лабораторијата. Реализацијата на овој скромно финансиски обезбеден проект донесе набавка на хемиски препарати, дезинфекциони средства и прочистувач на воздух, кој е потребен за лабораторијата. Всушност, идејата на целокупниот проект на Центарот за граѓанска иницијатива овозможи кај учениците да се развие можноста и начините за реализација на проекти од таков карактер. Најдобрите проекти беа избрани за поддршка и реализација, а меѓу нив и нашиот проект „Лабораторија" .
   Учениците ја научија постапката, а со тоа скромно придонесоа за обновување на потрошниот материјал во лабораторијата. Во целокупниот проект учествуваа учениците: Андреј Тошески III-8, Христи Димкар II-3, Никола Николоски III-3, Андреј Кокароски III-3, Антонио Димески II-2, Александар Димески II-2, Лина Тунеска II-3, Ева Илиеска III-9, Сара Шлакеска II-1, Теа Кулеска II-3, Анастасија Велеска –II-3, Адела Еленин – II-3, Ана Марија Димоска II-4, Вања Димитриоска III-9, Јована Илиевска III-3.
   Учениците научија како да пишуваат проекти, но и како да реализираат, а на своето училиште му донесоа нова опрема.

Проф. Дарко Ристески


Објавено на: 09 Фев 2021

 



Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2024
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.

QR Код
гимназија