МК  |  EN  |  FR  |  DE  

гимназија

Средно општинско училиште

Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп

Официјална веб страна на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
facebook logo tviter logo youtube logo vikipedija logo
биди гим

Италијанска делегација ја посети нашата Гимназија

   На 12 април 2023 год, Гимназија „Мирче Ацев“ - Прилеп, беше посетена од италијанска делегација составена од заменик амбасадорот на Италијанската амбасада во Македонија, Марио Де Роза, претседателот на Конфедерацијата на работодавачи и стопанската комора на Италија (Confindustria) во нашава држава Рикардо Рајноне и Енрико Рајноне - директорот на Конфиндустрија во Македонија.

   Делегацијата беше дочекана од професорката по италијански јазик Габриела Пацаноска, од в.д. директорката Весна Михаиловска, од претседателот на Училишниот одбор Николче Богданоски и од ученици од нашата Гимназија кои го изучуваат италијанскиот јазик.

италијанска делегација

   На средбата, директорката им изрази благодарност на гостите, што го посетија нашето училиште и ги запозна со општите податоци за училиштето како и со податоци за врвните постигнувања на учениците во сите области, кои го прават училиштето едно од водечките во државава.

италијанска делегација во гимназијата

   Професорката по италијански јазик во нашата Гимназија Габриела Пацаноска, потенцираше дека нашето училиште е единственото во поширокиот регион во кое веќе 20 години се изучува италијанскиот јазик и дека од училишните клупи на нашата Гимназија излегле многу сегашни професори и преведувачи кои продолжиле да ги шират италијанскиот јазик и култура. Се разговараше и за можностите за соработка со Амбасадата во полето на наставата по италијански јазик во основните училишта. Пет години откако со Уредбата од март 2018 година, италијанскиот јазик беше вклучен во наставната програма на основните и средните учлилишта во Македонија како втор задолжителен странски јазик, до денес над дваесет основни и исто толку средни училишта го вклучија овој предмет во наставната програма, а го изучуваат над две илјади ученици.

италијанска делегација април 2023

   Италијанскиот не само што е јазик на културата, туку нуди и конкретни можности како на професионален, така и на општествен план, подвлече заменикот амбасадор Марио Де Роза и ја истакна потребата од уште поголема промоција на италијанскиот јазик во училиштата.
   Професорката потврди дека неодамна беше усвоена новата наставна програма за 6-то одделение со можност да се изучува италијански јазик.
   На средбата се зборуваше и за активностите по предметот италијански јазик, како и за напорите што ги преземаат раководството, Училишниот одбор и наставниците насочени кон обезбедување на услови за уредно спроведување на наставната програма, проектните и воннаставните активности во училиштето.

италијанска делегација во училиштето

   Претседателот на Училишниот одбор, Николче Богданоски, истакна дека во училиштето покрај италијански јазик се изучува и латинскиот јазик, а по предметот историја, значителен дел од наставните содржини се посветени на историјата и културата на Италија, поради што кај учениците се раѓа љубов и интерес за таа земја. Тоа придонесува учениците често да ја избираат Италија како релација за неколкудневната завршна екскурзија за трета година. Богданоски посочи дека потребно е да има поголема соработка помеѓу нашето училиште, италијанската амбасада во Македонија и бизнис заедницата на Италија, а тоа го потврдија и гостите.


   Средбата беше коструктивна, во пријатна и ведра атмосфера, за што придонесе и официјалниот преведувач, поранешен наш ученик, Климентина Ѓорѓиоска.

Фотографија:
Иво Стојаноски


Објавено на: 13 Апр 2023

 



Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2024
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.

QR Код
гимназија