МК | EN | FR | DE
На 8. 10. 2023 г. се одржа Конститутивната седница на Ученичкиот парламент при СОУ Гимназија „Мирче Ацев“-Прилеп, за учебната 2023-2024 г. Единствена точка на Дневниот ред беше избор на претседател на Ученичкиот парламент, заменик претседател, секретар ичленови на Координативното тело на УП.
Во отсуство на претседателот на УП од минатата учебна година, со состанокот претседаваа професорките Емона Јованоска и Кети Ефремоска-Наумоска - членови на Ресурсниот тим. Седницата ја отвори Ученикот правобранител Филип Тренкоски.
Од вкупно 31 претседател на клас, присуствуваа 27 ученици што беше доволно за да се обезбеди кворум за гласањето. Најпрво пред присутните со кратко излагање се претставија кандидатите за Претседател на УП. Тоа беа учениците: Георги Николоски, ученик во втора година, Филип Темелкоски, ученик во трета година, Елеонора Ковилоска, ученичка во трета година и двајца ученици од четврта година - Никола Бонески и Филип Таневски. Гласањето беше тајно а го надгледуваше четиричлена комисија од редот на присутните ученици. По завршувањето на гласањето Комисијата ги преброи гласовите и го прогласи Претседателот на УП. Во оваа учебна година Претседател на Ученичкиот парламент ќе биде ученикот од трета година - ФИЛИП ТЕМЕЛКОСКИ, кој го доби мнозинството гласови.
На истата седница се избра и секретарот на УП - Георги Николоски, ученик во трета година и заменик претседател - Елеонора Ковилоска, ученичка од трета година.
Исто така беа избрани и членови во Координативното тело на УП: Горјан Ристески за прва година, Софија Настоска за втора година, Давор Димоски за трета година и Никола Бонески за четврта година.
Со тоа се комплетира составот и раководството на Ученичкиот парламент за оваа учебна година. На сите вклучени ученици им го честитаме изборот и се надеваме дека ќе бидат одличен тим за реализација на најавените активности.
Од Ресурсниот тим при Гимназијата
Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2023
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.