МК  |  EN  |  FR  |  DE  

гимназија

Средно општинско училиште

Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп

Официјална веб страна на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
facebook logo tviter logo youtube logo vikipedija logo
биди гим
Прослава на Франкофонијата во Прилеп
 

   Секоја година Гимназијата „Мирче Ацев“ со низа активности го одбележува месецот на Франкофонијата. Оваа година дел од гимназиските активности беа посветени на Никола Бувие.

Nikola Buvie

   Никола Бувие е светскиот патник и писател од Женева, Швајцарија, кој во 1953 година пропатувал низ Балканот и неколку недели престојувал во Прилеп, а она што го доживеал го овековечил во своето дело "L'Usage du monde". Токму со ова негово дело преведено на многу јазици, целиот свет дознал за нашиот град, за обичаите, за културата, за животот на луѓето, за тутунот, за мермерот, за шегите, за музиката ...

   Поради овој голем афирмативен придонес за нашиот град, во вторникот, на 19 март во нашиот град се одржа голема франкофонска културна манифестација во чест на Никола Бувие.

   Манифестацијата започна во 12 часот напладне, во киното „Мис Стон" каде за учениците од Гимназијата кои го изучуваат Францускиот јазик прикажан беше документарниот филм „Враќањето на Бувие" на Јордан Плевнеш и Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА.
   Непосредно пред проекцијата на филмот, гимназијалците и присутните гости ги поздравија и им се обратија советникот за култура и Директор на францускиот институт од Скопје , господин Емануел Рамбер и Јордан Плевнеш, авторот на филмот, кој низ обраќањето кратко раскажа за неговите средби со Никола Бувие.

   Вечерта, во 18 часот, во киното „Мис Стон" беше официјалното отворање на манифестацијата.

   На почетокот со две музички точки се претставија гимназијалката Ангела Зероска и ученичкаta Александра Трајческа од основното училиште Кочо Рацин.

   Пред полна сала гости и ученици од повеќе училишта, се обратија градоначалникот, г-дин Илија Јованоски, советникот за култура и Директор на францускиот институт од Скопје, господин Емануел Рамбер, заменик-амбасадорот во Швајцарската амбасада, господин Стефан Томажиан и Јордан Плевнеш, писател и драматург, пријател на Бувие.

   Потоа следуваше проекцијата на документарниот биографски филм за Никола Бувие „Бувот и китот" на Патрисија Платнер снимен во 1993 год.
   Манифестацијата заврши во големата галерија на Домот на културата „Марко Цепенков"со историско – ликовна изложба насловена како „Патувања во слики". Изложбата опфаќаше фотографии, цртежи, текстови и други документи на Никола Бувие, доставени од Женевската библиотека, како и ликовни уметнички дела на учениците од нашата Гимназија и дела на учениците од останатите основни и средни училишта во кои се изучува францускиот јазик, од Прилеп и соседните општини.

   Главни организатори на оваа франкофонска манифестација посветена на Никола Бувие беа Амбасадата на Швајцарија и Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Општина Прилеп.

   Официјален преведувач на настанот беше господин Бранко Чобанов, аташе за култура при Францускиот институт во Скопје.

   Координатор на активностите во нашиот град беше професорката по француски јазик од прилепската Гимназија, Мирјана Бошковска.
   Водители на манифестацијата беа гимназијалците Марија Митреска (на француски јазик) и Иван Неделкоски (на македонски јазик).
   Уметничките дела, по мотиви од текстовите на Никола Бувие, ги изработија гимназијалците Теодора Димеска, Ѓорѓина Саботкоска, Наталија Наумческа, Матеј Зарески, Илина Смугреска, Славчо Павлоски и Стефан Милошески под менторство на професорите по ликовна уметност Александар Џинго и Гордица Димитриевска Груевска.
   Помошници во подготовките и реализацијата на настанот беа проф. Николче Богданоски и учениците Мелани Героска, Аризанкоска Галена, Марија Андоноска, Марија Мирческа и Јоана Велеска.
   Активностите на професорите и учениците беа целосно поддржана од директорот на прилепската Гимназија, Димче Настоски.

   Покровители на манифестацијата беа Конфекција „Кули" и „Витаминка".

Фотографија: Горан Попоски


Објавено на: 20 Мар 2019

 



Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2023
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.

QR Код
гимназија