МК | EN | FR | DE
Минатата наставна година, 2017/2018, од Фондот за иновации и технолошки развој на РМ беше објавен конкурсот „Предизвик на млади истражувачи“ на кој аплицираше и тим на ученици и професори од СОУ Гимназија „МИРЧЕ АЦЕВ“ - Прилеп, со свој проект кој се однесуваше на процентот на загадување на воздухот во Прилеп и околината. Во проектот со наслов „Вертикален воздушен тунел“, учествуваа учениците Ебру Мифтароска од IV година, Наум Апостолоски и Антонио Мијајлески од II год. и Александар Петрески од прва година под менторство на професорите по хемија Блаже Димески и Ружа Ангелеска. Учесниците во проектот објаснуваат:
„Поттикнати од медиумското атакување дека Скопје, Тетово и Битола се најзагадените градови во светот со честички од 2,5 и 10 п.м. размислувавме какво е загадувањето на локално ниво, затоа што според информациите кои се објавуваат по медиумите и од Заводот за здравствена заштита сè поголем е бројот на респираторни заболувања, карциноми и слично.
Со апликацијата за проектот ги исполнивме сите критериуми и воедно влеговме во финале на најдобрите 18 проекти во државава, а целта нѝ беше да направиме промоција и запознавање на пошироката јавност со загадувањето на животната средина и потенцијалните проблеми на локално ниво кои произлегуваат од тоа.
Со мерењето на 5 локации на локално ниво и во една од руралните средини, селото Дебреште, од каде доаѓаше и ученичката Ебру Мифтароска, докажавме дека загадувањето на локално ниво е три пати поголемо од дозволеното, а со тоа дека и Прилеп e еден од најзагадените градови во светот.
Пораката е ЈАСНА! Најитно преземање на мерки на превенција и заштита од најголемите загадувачи, а со тоа и заштита на животната средина, здравјето и животот на граѓаните“
Благодарност до ТВ Канал Визија што нѝ го позајми снимениот материјал, со што нѝ овозможи да ја запознаеме пошироката јавност со сериозниот проблем на загадувањето.
Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2023
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.