На 20 Октомври 1915 год. во с.Ореовец, прилепско, роден е Мирче Ацев. Мирче Ацев потекнува од позната ајдутска и комитска фамилија кој дала многу жртви во бобата за слобода на Македонија. Негови чичковци (браќа на татко му) се Мирче Ацев – војводата, член на Македонската револуционерна организација и Петар Ацев член на МРО, претставник на прилепскиот реон на Смилевскиот конгрес, учесник во Илинденското востание, водач на една чета во Битката на Ножот и активен член на организацијата сè до својата смрт.
Мирче Ацев го продолжи делото на своите предци. Го заложи својот живот за слобода. Во виорот на Втората светска војна неуморно се вложуваше себеси за да го исполни заветот на многуте македонски синови кои мечтаеле за слободна македонска држава. Но неговиот млад живот прерано згасна, на 04.01.1943 год. во скопскиот затвор.
По повод 100-годишнината од раѓањето на херојот, делегации од Гимназија „Мирче Ацев“, прилепската касарна, локалната самоуправа, организацијата на резервни офицери на Македонија и здружението „Прилепски бранители“ положија цвеќе на Могилата на непобедените, на бистите на алеата на народните херои, на споменикот во касарната од нашиот град која го носи неговото име и во нашата Гимназија.
Организацијата на резервни офицери на Република Македонија во салата на Градската библиотека „Борка Талески“ организираше академија посветена на 100-годишнината од раѓањето на херојот. Академијата ја отвори гимназискиот хор со изведба на Македонската химна. Потоа присутните ги поздрави градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој најави дека во градот ќе се постави споменик на Мирче Ацев. Пред присутните реферат за животот и делото на Мирче Ацев прочита претседателот на ОРОРМ, проф.д-р Ѓорѓи Малковски. На академијата, наградените ученици, учесници на наградниот конкурс на тема „Мирче Ацев“ ги прочитаа своите состави. На крајот, проф.д-р Ѓорѓи Малковски, претседателот на ОРОРМ, на учесниците на конкурсот им додели благодарници, а на првите три места дипломи со награди. Првата награда ја освои Милена Трајкоска со литературната творба „Непребол“ , втората награда ја доби Симона Паскоска, а третонаградена беше Теодора Тасевска. Сите три се ученички во нашата Гимназија.
Благодарници за успешна соработка ОРОРМ им додели и на Касарната „Мирче Ацев“, Гимназијата „Мирче Ацев“ и КУД „Мирче Ацев“.
Свеченостите по повод 100 годишнината од раѓањето на херојот завршија со сплет на македонски ора и песни во изведба на КУД „Мирче Ацев“.
Фотографија: Бојан Илиески
Објавено на 20.10.2015
- Календар на неработни денови во 2017 година
- Заштита на личните податоци