МК | EN | FR | DE
Во периодот од 7.11.2017 до 11.11.2017 Гимназијата „Мирче Ацев“ со неколку активности се вклучи во одбележувањето на Светските денови на акција 2017 на еко-училишта и градинки.
Програмата еко-училиште е интернационална програма на Фондацијата за еколошка едукација (ФЕЕ) која се спроведува во 57 земји од целиот свет.
Во Република Македонија, Здружението на граѓани ОХО е национален координатор на програмата и истата, во соработка со МОН, се спроведува како дел од Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“. ФЕЕ, по шести пат, ги организира Светските денови на акција на меѓународно ниво за сите училишта и градинки кои ја спроведуваат оваа програма.
Учениците од Гимназијата во рамките на овие Светски денови на акција ги имаа следните активности:
Според наставната програма по Историја за III година учениците учат за светските случувања од XX век до денес, па на почетокот на овој интегриран наставен час ученичката Симона Тошеска имаше успешна презентација на тема „Хемијата низ војните, историјат на бојните отрови“. Презентацијата за штетното влијание на бојните отрови врз луѓето, животинскиот и растителниот свет и последиците од опасните хемиски супстанци кои се употребуваат во војните побуди голем интерес и внимание кај учениците.
Потоа учениците работеа во групи и пишуваа еко-пораки на македонски јазик, на англиски јазик, на француски, на германски и на италијански јазик. Секоја група своите пораки ги напиша на листови во одредена боја. Овие листови со пораки ги залепија на огласната табла во училиштето каде што ќе бидат изложени неколку дена.
Целта на овие активности е подигнување на свеста на учениците за одржување на чиста и здрава животна средина.
За организацијата и спроведување на активностите одговорни беа професорите Весна Михаиловска проф. по Македонски јазик и литература и претседател на еко-одборот на училиштето, Николче Богданоски проф.по Историја и член на еко-одборот, Весна Илиеска проф. по Англиски јазик, Елена Келтаноска Лашкоска проф. по Германски јазик, Бети Наумческа проф. по Германски јазик , Мирјана Бошкоска проф. по Француски јазик и Габриела Пацаноска проф. по Италијански јазик.
Активностите беа реализирани во соработка со директорот Димче Настоски и педагогот Светлана Барлакоска.
Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2023
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.