МК  |  EN  |  FR  |  DE  

гимназија

Средно општинско училиште

Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп

Официјална веб страна на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
facebook logo tviter logo youtube logo vikipedija logo

ГИМФЕСТ 2017
НАСТАН ЗА ДОЛГО ПАМЕТЕЊЕ

 

   Во четвртокот на 04.05, гимназискиот фестивал ГИМФЕСТ по седми пат ја наполни салата на Домот на културата „Марко Цепенков“.
   Седмото фестивалско издание побуди огромен интерес во Прилеп и пошироко и со право, затоа што според интересот и според коментарите на присутните и организаторите, фестивалот е вистинска културна манифестација која нуди квалитет и забава, манифестација која остава трајни спомени и пред се настан со хумани цели.

   Фестивалот за отворен го прогласи, градоначалникот на Прилеп, Г-дин Марјан Ристески, кој потенцираше дека гимназијалците од „Мирче Ацев“ постигнуваат успеси со освојување на бројни државни и меѓународни награди, претставуваат културен придвижник во градот и пошироко, а со Гимфест докажуваат дека знаат да направат еден убав културен и хуман настан кој според квалитетот може да се споредува со некои поголеми познати фестивали.

   Фестивалот започна невообичаено со интересен видео клип преку кој публиката ги запозна водителите, Деспина Сиљаноска и Симеон Мерипушкоски. Низ драматизација тие ги најавуваа изведувачите и музичките блокови и изнудија многу насмевки и аплаузи.

   Овој Гимфест во целост беше посветен на македонската музика. Певливи рефрени од понов, но и од постар датум ја натераа публиката да запее заедно со изведувачите.

   Пред бројната публика се претставија 18 солисти, ученици од Гимназијата, кои имаа одличен настап и на жири комисијата и оставија тешка задача, да ги одбере најдобрите.

Настапија:
Филип Шабаноски, Доротеа Дамјановска, Магдалена Кузманоска, Кирил Илиески, Теодора Јовеска, Лина Антоска, Ивана Кормушоска, Ана Петреска, Бистра Петреска, Стефан Ангелевски, Натали Китаноска, Мартина Димитриоска, Антонио Николоски, Евгениј Темелкоски, Ангела Зероска, Анастазија Христоска, Михаел Милошески и Ивона Нанческа.

   По настапот на сите изведувачи, комисијата се повлече и зад затворени врати ги оценуваше солистите.

   Додека жири комисијата решаваше, пред присутните настап имаше специјалниот гостин на ГИМФЕСТ, виртуозот на гитарата ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ. Ова е најголемото светско музичко име кое со своето присуство го направи седмото издание на ГИМФЕСТ настан кој нема да се заборави. Песните и звуците на гитарата ја восхитуваа публиката половина час и сите едногласно пееја „ ... ех да имам к’о што немам ...“ „ Чукни во дрво, чукни три пати, заедно да сме јас и ти ...“
   Настапот на Влатко од публиката беше награден со громогласен аплауз.

   Жири комисијата составена од М-р Татјана Ивановска, проф.Наталија Гарбеска, професорката по соло пеење Марија Димоска и оперскиот пејач Илија Белистојаноски според однапред утврдени критериуми ги избраа најдобрите.

  • МИХАЕЛ МИЛОШЕСКИ - Прво место
  • ИВОНА НАНЧЕСКА - Второ место
  • ФИЛИП ШАБАНОСКИ - Трето место

   Општ впечаток на членовите на жири комисијата е дека сите изведувачи беа одлични, дека вистински се талентирани и треба да продолжат да другаруваат со песната.

   Овој ГИМФЕСТ го организираа и реализираа професорите Мартин Наумоски, Татјана Ивановска, Николче Богданоски, Гордица Димитриевска Груеска, Орде Цветаноски, Кети Ефремоска, Софија Крстеска и Александар Џинго, со целосна помош и поддршка од директорот Кире Николоски.

   Во подготовките и реализацијата на фестивалот активно вклучена беше и Младинската заедница од Гимназијата.

   И овој ГИМФЕСТ имаше хуманитарен карактер. Собраните средства од продажбата на влезниците ќе се употребат за опремување на просториите за децата со аутизам во ООУ „Климент Охридски“

спонзори на ГИМФЕСТ 2017


Фотографија: Бојан Илиески, Горан Попоски, Петар Кироваков, Давор Маркоски и Леонид Дамкоски


Објавено на: 07 Мај 2017

 



Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2024
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.

QR Код
гимназија