МК  |  EN  |  FR  |  DE  

гимназија

Средно општинско училиште

Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп

Официјална веб страна на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
facebook logo tviter logo youtube logo vikipedija logo

Внимание!

Тајната на кварцниот камен

tajnata na kamenot  

      Општо за каменот

   Целата на оваа статија е да се запознаете со каменот, како предмет со кој се сретнуваме секојдневно, но и како предмет со посебно значење и посебна функција. Воедно оваа статија му е посветена на еден необичен вам познат или непознат камен.

   Каменот го има во безброј митови, легенди, песни, поговорки ...

Господ му го пратил Црниот камен на Адама кога тој 40 дена плачел на ридот, кога бил протеран поради првиот грев ...
Давид со камен го поразил Голијат.
Бог на камен ги напишал заповедите.
„ Кој е без грев помеѓу вас, прв нека фрли камен...“
Мухамед крај Црниот камен ги држел проповедите.
Сизиф тркалал камен нагоре по ридот.
Кралот Артур го извадил мечот кој бил забоден во камен.
Кај што ќе удри гром, в’поле, има мазно камче а под него може да има азно.
Ако сонуваш камен – тоа е некоја тежина имаш ...
Каменот си тежи на местото.
Ми ги фатил камен нозете.
Да си врзам камен околу гуша ...
Камен Јано, Камен душо...
Ладна како камен.
Камен – пијан.
Јак – камен.
Тежок – камен.
Тврдо – камен.
Камен на срцето. Ми падна камен од срцето.
Носам камен на душава.
И каменот душа имал.
Како на вратот ѓердани, ниски камења студени ...
Ја затнав стерната со ... камења...
Го гризе камен за петиците ...
Ако фрлиш камен нагоре, ќе ти падни на глава.
Со свои камења по своја глава.
На зборот со збор враќај, не со камен.
На арното со камен ми врати.
Два остри камења не мелат жито.
Човек кој поместува планина, почнува со малите камчиња.
Кога еден будала ќе фрли камен во бунарот, триста паметни не можат да го извадат.
Стихови топли како пламенот и вечни како каменот.
Кога некој ќе ти фрли камен – врати му со цвеќе, но не ја заборавај саксијата.
...

   Каменот го има во имињата, презимињата и прекарите. Каме, Камески, Камче, Камчески

   Каменот го има како предмет со суштинско значење: Камен темелник, Граничен камен или камен межник. 

   Го има и во стручни изрази како на пример: Камена сол, камен јаглен, камена волна, модар камен ...

   Камчињата во боја им се омилени на жените, па затоа продавниците за накит изобилуваат со обетки, прстени, ланчиња, белегзии, приврзоци ... со камчиња во секакви бои.

   Каменот има и практична примена:
   Клучна улога во домаќинството имал кремен каменот, за палење оган со трат,  каменот за острење нож, каменот за точење на косата за косење или српот, а важни за во зимскиот период се камењата што се ставаат да тежат врз лозовата плетеница која се става врз расолот или туршијата. Честопати каменот ја има улогата на чекан.
  Мелнички (воденички) камен е главен составен дел на секоја стара мелница за жито.
  Многу практично е и камчето од запалка за цигари (секало, чакмак, „зипо“). 

  За мало дете кое не плачи и дозволува сите да го думкаат на колено и да се забавуваат со него, се употребува изразот „Подајкамче“

  Каменот го има и во спортот. На пример уличниот фудбал не може да се игра ако нема камења за голчиња.
  Куц-камен е позната спортска активност.
  Во фрлање камен од рамо се натпреваруваа пензионерите на второмајскиот излет.
  Татковците ги учат синовите како се фрла плоснато камче по површината на мирна вода, за камчето да отскокне повеќепати. Ваквата вештина момчињата ја користат за да ги импресионираат девојките.

   Девојката се појавува на прозорец кога момчето ќе потфрли со камче по стаклото на прозорецот. (Оваа романтика денес е расипана со мобилните телефони)

   Каменот го има и како топоним во цел свет па и кај нас. Познати се Мечкин Камен, Шаторов Камен, Цоцев Камен, Кара Камен, Црн Камен, Бел Камен, Црвен Камен, Пукнат Камен, Среден Камен, Камен Дол, Дупен Камен, Дупнат Камен, Цепен Камен, Говедар Камен, Бабин Камен, Шуплив Камен, Голем Камен, Каменица, Камен Мост,  ...

   Каменот човекот го има и во себе: Камен во бубрегот, камен во жолчката, забен камен ...

   Човекот го користи каменот и во исхраната, солта е дробен солен камен.

   Каменот се користи во народните лекарства: Кога ќе те касни оса треба со мазно камче да го триеш местото за да излези осилото. Да не го изоставиме камчето за триење петици.

   Каменот е незаменлив дел во градежништвото. Го има во песокта, со камен се ѕидаат ѕидови, плочестите камења се користеле и како покрив на старите куќи, убавите камења се користат како украсни елементи, а цврстите гранитни камења за калдрмисување на улици,  или како работни плочи во модерни кујни. Да ги броиме за камења и плочките кои ги покриваат плоштадите, дворовите, собите, терасите ... (се разбира дека не се мисли на керамичките и бетонските плочки)

   Со камен се правеле, се покривале и се покриваат гробовите.

   За конкретниот камен

   Во светот има многу познати камења. И ние си имаме еден познат камен. Не обичен камен, туку еден камен кој многумина го знаат. Го знаат и учениците во Гимназијата. Некој можеби си ги врзувал врвците на него, некој можеби седнал на него да се одмори малку дури почекува такси, автобус или друштво. Некој можеби го потпрел велосипедот на него, ги има и тие што изгаснале отпушок или залепиле мастики на него.
   Ние си го имаме нашиот, гимназиски камен. Времињата минуваат, луѓето доаѓаат и заминуваат ... само тој е истиот. Не стои на истото место ... се движи, се поместува, се помрднува. Не често, еднаш на секои десетина години го менува своето место, но сепак е тука. До кога ... не знае никој.
   Можеби треба да се направи туристичка атракција како култен мистичен предмет од минатото. Ако еден ден го снема, можеби ќе ни недостига.
   Највозрасниот меѓу професорите го знае каменот. Тука бил уште од дамнешни времиња. Еден од професорите, на шега кажува дека го знае каменот од времето кога тој (професорот) бил ученик, само, тогаш каменот бил мал, а сега е пораснат. Ако се водиме по таа анлогија може да се претпоставува дека каменот тргнал на училиште, можеби и завршил или вечно ја повторува истата година.

   Малкумина од вас, читателите, сте се запрашале што прави овој камен овде? Од каде пак сега овде камен? Крие ли некакви тајни овој камен? Сето тоа е една голема мистерија, која сосема малку ја разоткрија нашите гимназијалци.

   Пред неколку години, група ученици доброволци, прифатија задача да истражуват. Да собираат податоци, да го проучат каменот и да направат презентација со која ќе го прикажат сработеното.
   Тогашните ученици, денес успешни и пофалени студенти, сериозно си ја сфатија преземената обврска. Изработија проект и презентација која го задржуваше вниманието на тогашните ученици од целата генерација, а веројатно ќе го задржи и вашето внимание.
 

   Следува нивниот проект:

Тајната на кварцниот камен



Неколку светски познати камења

  лизгачки камења лизгачки камења

   Овие лизгачки камења во Калифорнија, САД продолжуваат да се движат, а експертите не можат да објаснат зошто се движат и покрај нивната тежина. (*Во моментот на создавањето на презентацијата, не беше откриено зошто се движат. Тајната на движењето на камењата е откриена дури во 2015 година, а научно прифатена во 2017 год.)

 

камен Невада камена долина

   Во Невада, САД постои чудна, природна формација од песочен камен што многу наликува на слон. Камената брановидна формација во Јута, САД е создадена пред 190 милиони години.

 

новозеландски топчести камења новозеландски океански камења

   Во Нов Зеланд  има џиновски формации од големи камени топки вкопани во земјата и песокта близу до самиот океански брег, но сега се видливи на бреговите поради ерозијата на копното што трае со години.

 

костарика камени топки костарика камени топки

   Во Костарика, исто така, има големи камени топки кои сеуште се предмет на проучување на науката.

 

камен мост

   Природен камен мост во Аргентина.

 

велигденски статуивелигденски острови

   Камени статуи на Велигденските острови.

 

crn kamen kaba

   Црн Камен, свет предмет за Муслиманите. Се наоѓа во храмот Каба (Ќаба) во Мека.

 

Стонхенџ Стон хенџ

   Стоунхенџ, Велика Британија.

 

скапоцени камчиња

   Безбојни или камчиња во боја, составен елемнет на накитот.

 



Истражување

   гимназискиот камен

   Податоците за овој камен ги добивме од соседите на Гиманзијата „Мирче Ацев“ од дуќанџиите во соседството и од покомпетентни и стручни лица. Еве дел од стекнатите сознанија за каменот:

 - Чевларот од дуќанот кој се наоѓа на раскрсницата наспроти Гиманзијата ни рече дека 16 години работи во дуќанот, го видел каменот, но не знае ништо за неговото минато. Веројатно имал некаква примена...

чевларот

   Вработените во продавницата која се наоѓа до влезот на Гимназијата, ни кажаа дека секојдневно го гледаат каменот но немаат некои посебни информации за него. Сè што знаат е дека каменот е тука долго ... долго време.

продавница

  Ни соседот чичко Иле нема информации и мисли дека тоа е портарски камен.

бурекџилница Младост

   За кварцниот камен од пред гимназијата, се консултиравме и со Александар Цветкоски, виш кустос во прилепскиот музеј.

Александар Цветкоски А Цветкоски за каменот

   И тој е со мислење дека станува збор за обичен портарски камен, какви што имало порано до секоја порта, за таму да се собираат најчесто жените и да раскажуваат за дневните случувања или да оговараат некого.

   Консултиравме и стручни лица вработени во Мермерен Комбинат, рудник Сивец.

научна анализа анализа

   Од таму добивме бројни стручни податоци за овој камен и другите видови камења во Прилепско.
   Магматските карпи се најстари и најраспространети на Земјата. Тие настануваат по вулканската ерупција кога магмата излегува на површината на Земјата, се лади и преминува во цврста карпа. Магматските капри настануваат и во земјината внатрешност кога вулканот нема доволно сила да ја исфрли магмата на површината.
   Од метаморфните карпи најголема примена има мермерот како украсен камен во градежништвото а во групата на метаморфни карпи спаѓаат и кварцните.

Мермер рудникмермеркаменкристалкристаен камен

   Кварц (SiO2) е еден од најзастапените минерали во Земјината континентална кора, со цврстина која има вредност 7 според Мосовата скала.
   Гранитот е една од најраспространетите плутонски магматски карпи. Името го добил по зрнестата структура. По боја можат да бидат сиви, светлосиви, темносиви и црвеникави. Гранитите содржат доста кварц (некогаш и 20 до 40%) и фелдспати, со присуство на лискун или некој друг минерал што поблиску го одредува вариететот на карпата.
    Во геологијата „вена“ е посебна форма, тело од кристализирани минерали внатре во карпата. Вените се формираат од наталожени минерални состојки во карпестата маса, донесни преку врнежи. Вените се од примарна важност за минералните наоѓалишта бидејќи тие се извор на минерализација.

Вена   Сликата покажува парче кварцна вена која доаѓа од гранитните формации кои се појавуваат северно од Прилеп. Голема е веројатноста каменот кој го проучуваме да потекнува од тоа подрачје.

микроскопски поглед на вена вена микроскоп

   Сликите погоре, се микроскопски изглед на кварцна вена.

   Хидрофрактурните бречи се основен пример за рудно истражување каде што има премногу проток на флуиди и отворен простор за депонирање на рудни минерали. Бреча е камен составен од скршени делчиња на една или повеќе различни карпи. Делчињата се природно прилепени заедно со некоја врзивна маса - матрикс.

бреча бреча2

   Од анализата на општите минерални состојки на каменот кој ние го проучуваме дознавме дека тој се состои од кварц, сидерит, хематит, хлорит, магнетит и серицит.

каменот ноќе

Ноќна фотографија на каменот



Заклучок

   Каменот сеуште е мистерија. И покрај што научивме многу за него, веројатно тој крие уште многу тајни. Сепак како најинтересно би го прифатиле кажувањето на соседот чичко Пеце. Eдинствено тој ни ја раскажа целата историја на овој камен.

   Каменот бил ископан кога се копале темели на една соседска куќа и се користел за седење до портата. Тоа се случило пред повеќе од 35 години. Цело време од тогаш тој е верен пријател на гимназијата и на гимназијалците. Преместуван бил неколку пати за по некое метро кон улицата и сега завршил на тротоарот до двете бандери.

камен во пандемија

   Порано на него седела баба Кита која често другарувала со шишето. Таа и апчињата ги пиела со пиво, а кога ја советувале дека тоа не треба да го прави таа секогаш одговарала „Апче со вода не се пија“

   Мешавина од алкохол и медикаменти е лоша идеја. Алкохол во комбинација со лекови може да предизвикаат мачнина, повраќање, главоболка, грчеви, намалување на ефектот на лекот, да дојде до прекин во дишењето, дехидратација, дополнително оптоварување на црниот дроб, труење на организмот, губење на свест па дури и смрт.

   Исто така каменот служел и како место за „портарење“. Како што денес седиме на социјалните мрежи и гледаме сè што се случува, во минатото пред сè постарите жени седеле на камењата или клупите до портите и дознавале за се што се случува во маалото и пошироко.


Крај

проектот го изработија

Истражуваа за каменот и проектот го изработија:

Божидар Цветкоски
Ивана Стојаноска
Марија Петреска
Лина Антоска
Симона Тошеска
Михаела Павлеска

     Им благодариме на сите што ни помогнаа и учествуваа во ова истражување. Голема благодарност до нашиот професор по историја и ментор на истражувањето, Николче Богданоски. 

 

Истражување и проект: Михаела, Симона, Лина, Марија, Ивана и Божидар.
Октомври 2016 - март 2017 г.
Автор на статијата: Проф. Н.Богданоски


Објавено на: 17 Јан 2021

 



Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2021
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.

QR Код
гимназија