МК | EN | FR | DE
Интервју со Новка Петреска
„Само со учење и знаење може да одиме понатаму“
• Знаеме дека сте поранешна професорка во Гимназијата. Дали можете да го споделите вашето искуство од тоа време со нас?
Ми причинува особено задоволство што ме поканивте на ова интервју во гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп која оваа година слави јубилеј- 75 години од нејзиното постоење. Честитки и успеси на вработените за јубилејот.
Како млад дипломиран професор по физика ми се укажа чест да работам во оваа реномирана гимназија, од септември 1970 до април 2003. Со голем ентузијазам, за успеси, работев беспоштедно за да им го пренеснам моето знаење од физиката на моите ученици кои понатаму станаа дел од интелигенцијата во Прилеп и пошироко и се успешни и докажани во различни професии.
• Како мислите дека се менуваат децата од генерација во генерација?
Во секоја генерација на ученици има поуспешни и понеуспешни, но сите што се запишуваат во гимназијата се интелигентни. Со работа и труд успехот нема да изостане.
На првиот час на секоја работна година, на учениците им го кажував начинот за поголем успех по физика, кој се покажа точен. Една ненаучена лекција од старт - нема петка, две ненаучени- нема четворка итн.
Денес, со развојот на технологијата, различни норми во општеството, образованието трпи промени. Услов за запишување на факултетите стана оценката бројка, што е притисок за вредните ученици, родителите, професорите.
• Како ви се појави желбата за професор по физика?
Гимназија завршив во „Јосип Броз Тито“ во Битола, во прва природно- математичка паралелка. Критериумите беа високи, а се стекнуваш со сестрано големо знаење, реални оценки, малку петки. На 23 години се вработив како професор по физика во истата гимназија. Професорката по физика ми беше пример за строгост, коректност и реалност, затоа ја засакав физиката. По две години, од 1970 година сум во Прилеп. На моите ученици им велев „Изберете го тоа што сакате со љубов да го работите“.
• Дали мислите дека физиката е интересен предмет за учениците?
Сè се движи, физиката е секаде. Ги сакав учениците, тие го знаеја тоа и ако бев строга. Сакав тие да ја сакаат физиката, да ја разберат. Се трудев да го пренесам моето знаење, штета што немавме многу апаратура ... нагледни сретства.
• Дали сакате да споделите со нас највпечатлив момент од периодот на вашата кариера?
Пред неколку години, во една Скопска гимназија на час по физика доаѓа млад професор, магистер по физика. Се претставил пред учениците и рекол „Причина што јас ја засакав физиката е мојата професорка од гимназијата во Прилеп, Новка Петреска“. Во таа паралелка беше синот на мојот син. Кога завршил часот, тивко му рекол „Тоа е мојата БАБА, професоре.“ Дали има поголема признание на мојата кариера!?
• Како ви изгледа сегашната методологија на оценување и предавање по физика?
Јас сум од 2003 година во пензија, со стаж од 35 години. Следам колку што можам. Работната дисциплина зависи од професорот. Предавање физика без објаснување на дете, не прифаќам. Испрашувања само преку тестови не одобрувам. Големата технологија, Интернетот е голема можност за пристап на информации, за усовршување, збогатување на знаењето но само со контрола на времето кое може бесполезно да се троши.
• Дали бевте строга професорка и какви беа вашите критериуми на оценување?
Во оценувањето се трудев да бидам реална, без интервенции. Родителите тоа го знаеја. Учениците растеа, се доверуваа, бараат помош. Од срце соработував со нив, со нивните успеси и нивните проблеми. Учествував со учениците на многу натпревари во Македонија, а и на ниво на Југославија. Имавме солидни резултати.
• Што би им порачале на сегашните и идните генерации во гимназијата?
Само со учење и знаење може да одиме понатаму и да бидеме конкуренти во светот. Тоа е моето мото што ќе им го порачам на учениците.
Интервјуто го реализираа:
Дивна Пеоска,
Елена Павлеска,
Васе Колароска и
Фросина Талеска
Интервјуто е дел од поголем проект по предметот Историја, под менторство на проф.Кире Николоски
Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2023
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.