МК | EN | FR | DE
Интервју со Стевка Самарџиска
„Успешен си ако со љубов ја одбереш својата професија“
• Од каде ви се појави желбата за англиски јазик?
За англики јазик слушнав во петто одделение. Имав две прекрасни наставнички кои ми оставија голем впечаток. Како мала, од телевизија, каубојските филмови беа прилика да слушнеш англиски и едноставно го засакав јазикот.
Инаку сум растена во семејство на двајца просветни работници. Порасната сум во клупи. Кога дојде ред да се одлучи што ќе студирам, имав кажано „Англиски! Ништо друго освен англиски!!!“. Татко ми сакаше да одам на медицина, па фармација.
По тешки преговори, сепак се запишав на англиски. Од мала знаев дека ќе предавам англиски јазик и на никого не му дозволив да ме премисли. Успешен си ако со љубов ја одбереш својата професија.
• Дали ви треба одмор од гимназијата или сепак кога би имале шанса би останале уште да работите?
Оваа работа никогаш ниту ме изморувала, ниту ќе ме изморува! Јас би работела до 100 години! Работата со млади ме одржува. Мислам дека не си успеал ако тоа не го доживуваш и не си посветен на едукацијата
• Дали би сакале да ни споделите некој спомен од вашата кариера тука?
Спомени има многу, а најдраг спомен ми е кога директорката на училиштето во Нориџ, Англија јавно ги пофали моите ученици што ги носев од овде, велејќи дека се воспитани и деца со најголемо познавање на англискиот јазик. Замислете, кога има Французи, Италијанци, Јапонци ние бевме толку топло примени. Тоа ми е едно од најдобрите сеќавања и горда сум на тоа. Моите ученици се и амабасадори во светот.
• Како вашиот начин на предавање се разликува од другите?
Не би зборувала како се разликува бидејќи не го знам начинот на предавање на останатите, а и не ме интересира. Меѓутоа, мојот начин е користење на англиски јазик во текот на целиот час. Во текот на објаснувањето на граматичките структури, правам секогаш паралела со македонскиот јазик. Спремна сум во секој момент да ги корегирам за изговор, да помогнам за реченична структура, да објаснам правила, да им покажам како треба усно и писмено подобро да се изразуваат.
Комуницирајќи на англиски јазик истовремено им сугерирам дека не треба да се учи за оценка. Целта е во ваков свет на глобализација и миграциони процеси, да се знае еден странски јазик со што ќе можеме да градиме мостови а не ѕидови.
• Што најмногу ќе ви недостига после вашето пензионирање?
Дружбата со моите ученици и можноста и понатаму да им помогнам и да им го олеснам начинот на учење. Оваа професија бара љубов, трпение и посветеност. Но, наместо активност во воспитно-образовниот процес, ќе се посветам на преведувањето што е, исто така, голем предизвик за мене.
• Што би им порачале на вашите колеги и ученици?
Да бидат искрени едни со други, да соработуваат и единствена цел да им биде да постигнуваат што поголеми успеси.
Интервјуто го реализираа:
Дивна Пеоска,
Елена Павлеска,
Васе Колароска и
Фросина Талеска
Интервјуто е дел од поголем проект по предметот Историја, под менторство на проф.Кире Николоски
Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2023
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.