ПОЕТСКА ВЕЧЕР ЗА ВИНОТО И ЉУБОВТА

 

Песна низ текст и ноти. Песна за виното и љубовта. Вечер за виното и љубовта.

Токму ваква вечер, со  наслов „За виното и љубовта“, приредија учениците од нашата Гимназија во петокот на 14 Февруари во „Арт кафе- Апореа“. Учениците со талент за рецитирање, под менторство на професорите Мартин Наумоски и Весна Михаиловска, направија прекрасна атмосфера и оставија одличен впечаток кај сите присутни за да ја почувствуваат љубовта и да го вкусат виното.

Поезија рецитираа: Стефанија Дукоска, Теодора Силјаноска, Игор Гагалески, Елена Атанасоска, Бојан Јорданоски, Бојан Шлакески, Симона Адамческа, Тамара Талевска, Елиза Миноска, Ева Антулеска, Деспина Силјаноска, Христина Ангелеска и Весна Северкоска. Сите тие со многу емоции ја пренесоа пораката на поезијата, која беше проследена со звукот на гитарите на Бојан Шлакески и Марко Цветаноски и клавијатурата на Марко Маркоски.

Покрај со поезија оваа вечер беше исполнета и со музички изведби, па така со својот настап, публиката ја почестија: Михаела Пацаноска (Eye Cue – Не заборавај), Стефанија Дукоска (Не допирај ме - Маја Оџаклиевска), Марио Ангелевски (Сонце за три светови - Џафер), Викторија Смилеска (Свирете ја зајди, зајди - Олгица Христовска), Стефанија Дукоска и Бојан Шлакески (Љуби ме и главата горе – Сенка и Зафир)

 

Еве што за настанот ни изјавија некои од учесниците, професорите и посетителите:

 

Стефанија Дукоска: Идејата за поетска вечер ми ја соопшти професорот Мартин Наумоски. Првично се договоривме за пеењето а потоа и за рецитирањето. Добив две песни за рецитирање кои беа прекрасни, а исто така и испеав една прекрасна македонска песна. Пробите ни беа многу забавни, имаше многу смеење, дури и ми недостасуваат. И според мене крајниот резултат ги усреќи сите.

Бојан Јорданоски: Прилично бев задоволен од песните, затоа што една од нив беше и главна за оваа поетска вечер „Тетин Ристе“. Пробите ни траеа од 2 до 3 часа, еден месец. Беше многу забавно и едно големо задоволство да се спреми оваа вечер. Се надевам тека во иднина ќе има уште настани од овој вид.

Теодора Силјаноска: Јас за оваа поетска вечер сама си избрав песни за рецитирање за да можам да ги изнесам со посилен интензитет. Изрецитирав три  песни, од чии изведби сум прилично задоволна. Многу ме радува дека гимназијата организира вакви настани и се надевам дека до крајот на учебната година ќе има уште најмалку една ваква вечер.

Бојан Шлакески: Вака, целта на овој настан беше да се направи нешто поразлично од досега направеното. За да не биде класична поетска вечер, ги воведовме и гитарите и музичките изведби. На оваа вечер јас рецитирав една песна, а се претставив  и со три прозни текста. Меѓу другото, свирев на гитара заедно со Марко Маркоски и Марко Цветаноски. Исто така испеав и една песна заедно со Стефанија Дукоска-прекрасниот дует на Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ - Љуби ме и главата горе.

Елена Атанасоска: За оваа поетска вечер ме извести професорката Весна Михаиловска. Првичниот договор беше да читам свој текст, за потоа да бидам избрана за водителка и рецитирав три песни од професорката Ана Велјаноска. Се помина во најдобар ред, сите сме задоволни, среќни и горди затоа што успеавме да ја реализираме нашата идеја и се надеваме дека сите уживаа таа вечер.

Викторија Смилеска: За поетската вечер дознав од професорот Мартин Наумоски. Потоа имаше предлог помеѓу секој блок да има и пеење. За тоа имаше предложено неколку песни и секој си избра по една. Настапите беа прекрасни и сум лично презадоволна. Излезе многу подобро од очекуваното. Публиката беше прекрасна, беше опуштено и имаше одлична атмосфера. Се надевам дека сите си заминаа со насмевка. И сакам да упатам голема благодарност до сите професори кои ни дадоа целосна поддршка

 

Интервју со проф. Весна Михаиловска

Оваа беше втора поетска вечер за оваа учебна година. Дали поетските вечери веќе стануваат традиција на гимназијата „Мирче Ацев“?  

Проф.Весна Михаиловска: Да, поетските вечери стануваат традиција. Се гордеам со моите рецитатори кои своето слободно време со љубов го посветуваат на поезијата. Кога завршува една поетска вечер ние веднаш почнуваме да размислуваме за следна бидејќи тоа е нешто што не исполнува и ни причинува големо задоволство.

Колку долго се подготвувавте за оваа поетска вечер?

Проф.Весна Михаиловска: За оваа поетска вечер се подготвувавме еден месец со секојдневни проби па дури и во сабота и во недела.

Како сте задоволни од тоа како излезе крајниот резултат на целата работа?

Проф.Весна Михаиловска: Многу сум задоволна од настапот на моите рецитатори. Работевме напорно и успехот беше очекуван. Мене најголемо задоволство ми причинуваат  нивните насмеани и задоволни  лица, сјајот во нивните очи, убавите зборови на родителите, аплаузот на публиката.

Дали во иднина се планира уште една или повеќе вакви настани, затоа што интересот за нив е голем и кај професорите и кај учениците, па и кај пошироката јавност ?

Проф.Весна Михаиловска: Секако дека планираме. Со нашите настапи, со нашите поетски вечери го свртевме вниманието кон поезијата не само на учениците туку и на пошироката јавност и ќе продолжиме се додека уживаме во тоа а навистина уживаме. Моите рецитатори не се само моја гордост туку и гордост на Гимназијата.

 

Изјави на некои од посетителите на настанот:

Рамона Маркоска: Беше одлично. Ако има енергија која може да ја промени околината, тоа е љубовта. Ако душата има длабочина, она што може да ја допре до дно е виното. Синергијата на љубовта и виното, спојува и два празници, за убаво. Господ е еден, добро е кога луѓето спојуваат нешто што претходно тие и разделиле. Браво Гимназијалци, Професори, Директоре! Благодарност до Арт Кафе!

Проф.Николче Богданоски: Гимназијалците секогаш биле организатори или учесници на низа културни случувања во нашиот град. Дека се вистински придвижници на културата во градов се покажува со оваа втора по ред организирана поетска вечер во оваа школска година. Ова е редок ако не и единствен културен настан од ваков вид не само во градов туку и во Македонија во организација на ученици на средно училиште. Им честитам на сите учесници и професори вклучени во организацијата на овој настан. Ни приредија вистинско уживање.

 

 

 

А за виното пишуваше и нашата ученичка Теодора Јагуриноска која токму со есејот „ВИНО“ пред три години освои прво место на награден конкурс. (Прочитај го есејот)

Петар Тодооски

Моника Андоноска

Gim Web Team

 

Copyright © 2014 www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.

Фотографија: Ѓорѓи Десподов