МК  |  EN  |  FR  |  DE  

гимназија

Средно општинско училиште

Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп

Официјална веб страна на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
facebook logo tviter logo youtube logo vikipedija logo

Мирче Ацев

 

Мирче Ацев

Мирче Ацев е роден на 26 септември 1915 во селото Ореовец, прилепско, во позната ајдутска и комитска фамилија. Сите негови предци биле борци против османлиското робство. Најпознати се неговите чичковци (браќа на татко му) Мирче Ацев (војводата), Гога Ацев, и Петар Ацев. Тие биле истакнати членови на МРО и активни учесници во борбите против османлиите.

Мирче е петто дете на Дончо и Пара Ацеви. Своето детство го поминува  во родното село. Преку кажувањето на своите родители за чичковци му и подалечните предци, рано ја осознава вистината за страдањата и стремежите на својот напатен народ.

Основно четирикласно училиште завршува во Ореовец, а потоа го продолжува образованието во Прилеп. Во Прилеп се запишува да учи во Гимназијата, но големосрпската Влада на генералот Петар Живковиќ донесе решение за затварање на сите полни гимназии освен во Скопје, Битола и Штип. Во учебната 1933/34 година Мирче се запиша во петти клас во Битолската гимназија.

Големосрпскиот режим се чувствуваше на секој чекор, а татко му на Мирче го чуствуваше и на своја кожа. Од српските власти тој е малтретиран, глобен и затваран без причина неколку пати.

Во Битола Мирче влегува во тајните револуционерни кружоци заедно со своите најдобри другари, Борка Талески и Кузман Јосифоски. Тука Мирче го поврза своето фамилијарно минато со своето револуционерно дело.

Матурата во Битолската гимназија ја положи пролетта 1937 година. Есента истата година, Мирче се запиша на Правниот факултет во Белград. Таму стапува во контакт по роднокрајна основа со скоро сите македонски студенти и ученици, Кузман Јосифоски, Борка Талески, Трајко Тарцан, Кочо Рацин, Страшо Пинџур, …

Во Белград низ рацете на Мирче поминуваат безброј конспиративни материјали, забранети политички весници од постар и понов датум, летоци, пропаганден материјал, брошури и книги. Истрошени, полураспаднати хартии кои им влевале надеж за слобода и држава на Македонците.

Пролетта 1939 година Мирче станува член на Комунистичката партија.

Во еден обид за печатење и растурање на летоци во Прилеп, со повик за вооружена борба против окупаторите, во јули 1941, Бугарските агенти го открија Мирче дека е активист на Комунистичката партија и револуционер. Одтогаш, Мирче преминува во длабока илегала, а по него бугарските окупаторски власти распишаа потерница.

Мирче, во текот на војната има различни задачи  и врши различни должности, а поконкретно, задолжен е за партиската техника, за документацијата, преписките, пропагандата....

Во 1942 година во куќата на Митреви во Велес направена е подземна скривница во која е сместена партиска печатница. За да ја организираат работата во печатницата, во декември во Велес пристигнаа Страшо Пинџур и Мирче Ацев. Таму, откако добила предходни сознанија, бугарската полиција при интензивните претреси на 19 декември ги откри и уапси Мирче Ацев и Страшо Пинџур.

Мачен 16 дена, откако ништо не призна, Мирче е фрлен низ прозорецот од вториот кат на Скопскиот затвор.

На 4-ти јануари 1943 год. згасна животот на Мирче.

Првиот батаљон на Македонската војска формиран на 18.08.1943 на Славеј Планина го доби името на овој наш херој  МИРЧЕ АЦЕВ.

Со одлука бр 290 од 29 јули 1946 год, Президиумот на АСНОМ, посмртно го одликува Мирче Ацев со орденот Народен херој.

 

 

Проф. Николче Богданоски



Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2024
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.

QR Код
гимназија